Говорот на Директорот на НУКЦ “Никола Јонков Вапцаров” Делчево Златко Начовски на 31 Голачки фолклорни средби
Почитуван градоначалник на општина Делчево, г-дин Иван Г.
Почитуван епископ на Делчевско-каменичката епархија – г-дин Марко
Почитувани градоначалници од општините Новело, Родино и Монфорте Д’алба
Почитуван претседател на советот на општина Делчево, г-дин Николчо С.
Почитувани претставници на институциите,
Почитувани учесници, драги сограѓани и љубители на македонската традиција,
Добровечер!
Дозволете ми во името на НУЦК „Н.Ј.В.“ да ви посакам искреноДобредојде на 31. издание на Голачките фолклорни средби – манифестација која почнува да чекори во четвртата деценија, и претставува жив сведок на богатото културно наследство на нашиот крај и на нераскинливата врска помеѓу минатото, сегашноста и иднината.
Ми претставува особена чест што вечерва Центарот за култура Н.Ј.В. заедно со општина Делчево сме домаќини на уште едно издание на оваа значајна културна манифестација, која што е гордост на Делчево, која со години го негува и афирмира македонскиот фолклор, народната песна, ора, обичаите и традиционалните вредности што нè определуваат како народ.
Голачкиот регион отсекогаш бил ризница на автентична култура, народно творештво и духовни вредности. Токму затоа, Голачките фолклорни средби не се само фестивал, туку мост меѓу генерациите, простор каде што се пренесуваат знаењата, љубовта кон традицијата и почитта кон културното наследство.
Посебна вредност на оваа манифестација е тоа што таа ги отвора своите врати за ансамбли и гости од различни земји. Преку песната и играта не разговараме на различни јазици – разговараме на универзалниот јазик на културата.
Нека Голачките фолклорни средби и понатаму бидат место каде што ќе се раѓаат нови пријателства, ќе се создаваат нови спомени и ќе се негува она највредното што го имаме – нашата култура.
Упатувам искрена благодарност до сите учесници, културно-уметничките друштва од Р. Македонија, до нашите гости од Р. Србија, од Р. Бугарија – ансамблите, музичарите, играорците, кои дојдоа од различни краишта за преку песната, играта и музиката да ни покажат дека културното наследство нема граници кога се пренесува со љубов и искреност. Вашето присуство е доказ дека македонскиот фолклор живее, се развива и продолжува да ги обединува луѓето.
Благодарност упатувам до Министерството за култура и туризам, кое и оваа година ги поддржа Голачките фолклорни средби, благодарност до Општина Делчево, до градоначалникот на Делчево, како и до сите институции, организации, спонзори и поединци кои со својата поддршка придонесуваат оваа манифестација успешно да опстојува и да расте од година во година, а токму тоа е и нашата цел, оваа меѓународна манифестација да биде секогаш на едно високо ниво и препознатлива за Делчево и регионот.
Нашата заедничка обврска е да ја чуваме традицијата, но и да ја доближиме до младите генерации, за тие со гордост да го продолжат она што нивните предци го создале. Само така ќе обезбедиме богатото културно наследство да остане трајна вредност и препознатлив белег на нашиот крај.
Дозволете ми на сите учесници да им посакам успешно да се претстават вечерва, на гостите пријатен престој во Делчево, а на публиката да ужива во овие мигови исполнети со песна, игра и македонски дух.
Ви благодарам и нека ни е успешна оваа прекрасна фолклорна вечер!
