Статут на НУЦК “Никола Јонков Вапцаров” Делчево
Врз основа на член 36 став (1) точка 1, а во врска со член 25 став (1) од Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/98, 49/03, 82/05, 24/07, 116/10, 47/11, 51/11, 136/12, 23/13, 187/13 , 44/14 ,61/15 и 154/15) Управниот одбор на Националната Установа – Центар за култура „Н.Ј.Вапцаров“ Делчево на седницата одржана на ден ————–година, донесе;
С Т А Т У Т
на
Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево
I ОПШТИ ОДРЕДБИ
Предмет на уредување
Член 1
(1) Со овој Статут се уредуваат називот, седиштето, правната положба, застапувањето, дејноста, работата, организацијата, раководењето, управувањето, финансирањето, информирањето и обезбедувањето јавност во работата и други прашања утврдени со овој Статут и друг закон, што се од значење за работењето на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево (Во понатамошниот текст: Центарот).
(2) Министерот за култура и туризам дава согласност на статутот од ставот (1) на овој член.
Назив и седиште
Член 2
(1) Целосниот назив на Центар за култура гласи: Република Северна Македонија, Национална установа Центар за култура ,,Никола Јонков Вапцаров,, Делчево, а на англиски јазик е Republic of North Macedonia, National Institution Center for Culture „Nikola Jonkov Vapcarov“ Delchevo.
(2) Скратениот назив на Центарот гласи: “Република Северна Македонија, НУ-Центар за култура ,,Н.Ј.Вапцаров“ Делчево, а на англиски јазик е „Republic of North Macedonia, NI Center for Culture „Nikola Jonkov Vapcarov“ Delchevo.
(3) Седиштето на НУ-Центар за култура ,,Н.Ј. Вапцаров,, Делчево е во Делчево, ул. ,,Светозар Марковиќ” бр.1, а на англиски јазик 1 „Svetozar Markovic“ Street, Delchevo.
Основач и сукцесија
Член 3
(1) Основач на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево е Владата на Република Северна Македонија, со Одлука за утврдување на мрежата на националните установи од областа на културата („Службен весник на Република Македонија” бр. 84/03, 13/11 и 244/24).
(2) Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево е правен следбеник на правното лице Установа за образование и културна дејност „М.М.Брицо“ Делчево, основана од Собранието на општина Делчево со Одлука/решение број 01-5183/1 од 03.09.1963 година, како правен следбеник на работна организација Дом на култура „Никола Јонков Вапцаров“ запишан во регистарскиот суд во Штип со Решение бр.36/2004 од 27.04.2004год.
Правна положба
Член 4
НУ Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево е непрофитна национална установа од областа на културата.
Центарот има својство на правно лице, запишано во Централниот Регистар на Република Северна Македонија.
(3) Во правниот промет со трети лица Центарот настапува во свое име и за своја сметка, а за своите обврски одговара со сите средства со кои располага и за целиот износ на обврските.
(4) Центарот може да го промени видот, називот и седиштето, како и да изврши статусни измени (спојување, припојување, поделба и издвојување) само по претходна одлука на Владата на Република Северна Македонија.
Печат и штембил
Член 5
Во своето работење Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево употребува печат и штембил.
(2) Печатот има форма на круг, со пречник од 30 мм по чија внатрешна страна, полукружно, со кирилица е испишан текстот: „РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА НАЦИОНАЛНА УСТАНОВА ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА“, во средина на печатот, НИКОЛА ЈОНКОВ ВАПЦАРОВ – ДЕЛЧЕВО“.
(3) Штембилот е правоаголен, со димензии: должина 50 мм и ширина 25 мм над испишаниот текст стои грбот Република Северна Македонија, со текст испишан на кирилско писмо кој гласи: „РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“, во продолжение со големи кирилични букви следи текст: “НАЦИОНАЛНА УСТАНОВА”, под кој со големи букви следува текстот : ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА ,,НИКОЛА ЈОНКОВ ВАПЦАРОВ“. Во средината има ознака: Бр ______. На долниот раб се наоѓа линија за означување на датумот: ______., под која стои зборот: „ДЕЛЧЕВО“..
(4) Печатот и штембилот од ставовите (2) и (3) на овој член ги чува и употребува овластено лице, задолжено за водење на архивата со решение од директорот на Центарот.
(5) Лицето од ставот (4) на овој член и директорот на Центарот се одговорни за правилното чување и употребата на печатот и штембилот од ставовите (2) и (3) на овој член.
(6) Начинот на употребата, чувањето и ракувањето со печатот и штембилот од ставовите (2) и (3) на овој член се утврдува со одлука на Управниот одбор на Центарот.
Заштитен знак
Член 6
Центарот има заштитен знак.
(2) Заштитниот знак од ставот (1) на овој член се состои од ликот на Вапцаров во црна боја, околу ликот има натпис со следната содржина: Национална установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево
(3) Начинот и условите на користење на заштитниот знак од ставот (1) на овој член се утврдуваат со одлука на Управниот одбор на Центарот .
Застапување и претставување
Член 7
(1) Во правниот промет со трети лица Центарот го претставува и застапува директорот, без ограничувања.
(2) Друго лице може да го претставува и застапува Центарот, само врз основа на писмено овластување (полномошно), издадено од директорот.
(3) Во случаите од ставот (2) на овој член, полномошникот го застапува и претставува Центарот во границите на даденото полномошно.
Овластени потписници на сметките
Член 8
(1) Центарот има буџетска сметка за единка корисник на Буџетот на Република Северна Македонија.
(2) Овластен потписник на Буџетската сметка на Центарот е директорот, без ограничување.
(3) Управниот одбор на Центарот може со одлука да определи втор потписник или повеќе други потписници на жиро-сметките, односно трезорските потсметки на Центарот.
(4 )Во случаите од ставот (3) на овој член, Управниот одбор на Центарот со истата одлука ги утврдува начинот на потпишувањето и евентуалните ограничувања на износите до кои тие потписници можат да потпишуваат.
II – ДЕЈНОСТ И ОРГАНИЗАЦИЈА
1. Дејност
Основна дејност
Член 9
(1) Дејност на Центарот е дејност на објектите за културни манифестации (шифра: 90.04);
- Дејноста од ставот (1) е од национален интерес.
- Во рамките на основната дејност Центарот ги врши следните функции:
1. Врши програмско и функционално поттикнување и развој на културата;
2. Го поттикнува творештвото на децата и младите, со посебен акцент на културно-уметничкиот аматеризам;
3. Врши систематско истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување и проучување, заштита, чување, објавување и презентирање на движното културно богатство, предмети и експонати;
4. Врши објавување на културно-уметнички дела;
5. Го зачувува и негува автентичното фолклорно богатство;
6. Врши претставување на музичките, музичко сценските, ликовните, театарските,
литературните, филмските и уметничките творења.
7. Се грижи за унапредување на културно-забавните активности;
8. Се грижи за усовршување на стручните кадри;
9. Соработува со разни институции од земјата од областа на културата и со здруженија и невладини организации со кои остваруваат и реализираат проекти од областа на културата и уметноста;
10. Врши и други работи согласно со закон и овој статут.
(4) Проширување на дејноста и други статусни промени на Центарот може да се направат со измена на овој статут и согласност од основачот односно Владата на Република Северна Македонија.
Член 10
Во состав на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево се организира и подружница под назив:
Подружница „Спомен Дом Разловечко востание”, со седиште во с. Разловци, Општина Делчево.
Подружницата врши дејности од областа на културата, истражување и презентација на историското и културно наследство поврзано сo Разловечкото востание.
Организацијата, раководењето и финансирањето на подружницата се уредуваат согласно овој Статут и актите на Установата.
Дополнителна дејност
Член 11
Покрај основната дејност Центарот ги врши и следните дополнителни дејности:
1.Установата врши и музејска дејност согласно Законот за култура, која вклучува прибирање, чување, обработка, изложување и презентација на предмети и презентација од културно – историско значење.
2.Дејности на музеи, збирки, историски локалитети и споменици на културата (шифра 91.2)
3.Прикажување на филмови (шифра 59.14)
4.Помошни дејности во изведувачката уметност (шифра 90.02)
5.Уметничко творештво (шифра 90.03)
III. Организација на работењето
Организациона поставеност
Член 12
(1) Работењето на Центарот се организира преку организациони единици и работни места во нивниот состав, кои поблиску се утврдуваат со правилник за организација на работата и Правилник за ситематизацијата на работните места..
(2) Со правилниците од ставот (1) таксативно се утврдува обемот, организацијата и природата на работните задачи во организационите единици, како и потребниот број извршители, за нивно извршување.
(3) Вршењето на работите на вработените како давателите на услугите во Центарот се уредува во согласност и со Законот за културата и соодветниот закон за дејноста, а вршењето на правните, сметководствено-финансиските, административно-стручните и општите работи се организира во организационите единици согласно со прописите за административни службеници и вработените во јавниот сектор и прописите од областа на културата.
IV .ОРГАНИ НА РАКОВОДЕЊЕ И УПРАВУВАЊЕ
1. Орган на раководење
Директор
Член 13
(1) Орган на раководење на Центарот е директорот.
2) Директорот на Центарот ги врши следниве работи:
- Ја води работата на Центарот;
- Ја застапува установата и одговара за материјално-финансиското работење и за законитоста и економичноста на нејзината работа;
- Донесува годишна програма за работа на националната установа по претходна согласност на Управниот одбор;
- Ги извршува одлуките на Управниот одбор;
- Ја организира реализацијата на Годишната програма;
- Донесува акт за систематизација и организација на работните места;
- Донесува акти во врска со работниот однос на вработените согласно со закон;
- Формира уметнички, односно стручен совет и други советодавни тела (трајни и повремени), согласно со статутот;
- Склучува договор со кој ангажира надворешно лице како уметнички советник согласно закон, во рамките на одобрените средства за работа на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево
- Поднесува годишен извештај за работа и финансиското работење на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево;
- Донесува годишен план за вработување за следната година по претходно мислење на Министерството за Јавна администрација и претходна согласност од Министерството за култура и туризам;
- Формира Комисија за водење на дисциплинска постапка за дисциплинска неуредност или дисциплински престап;
- Донесува решенија за дисциплински мерки согласно закон;
- Донесува решенија за аудиција и реаудиција согласно закон;
- Одобрува службени патувања во земјата и странство;
- Раководи со организирањето и спроведувањето на подготовките за одбраната;
- Се грижи за правилно и навремено информирање на вработените и јавноста;
- Издава упатства и донесува наредби, решенија и други поединечни акти согласно со закон;
- Обезбедува услови за непречен пристап и вршење на управен и инспекциски надзор, ревизија и друг вид контрола на работењето на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево од страна на надлежните органи и
- Врши и други работи согласно со закон и овој статут.
(3) Правата и обврските меѓу директорот и Министерството за култура и туризам се уредуваат со менаџерски договор согласно со Законот за културата.
Член 14
- Директорот на Центарот се избира по пат на јавен оглас, што се објавува преку средствата за јавно информирање.
- Директорот на Центарот се избира за време од четири години и може повторно да биде избран.
- Огласот за директор го распишува Министерството за култура и туризам, согласно со општите услови утврдени со Законот за културата и посебните услови утврдени со овој Статут.
- Министерот за култура и туризам го избира и разрешува директорот на Центарот, најдоцна три месеци пред истекот на мандатот на претходниот директор.
- Директор избран од редот на вработените лица во Центарот по истекот на мандатот или при престанок на мандатот, истиот се прераспоредува на работното место кое му мирува или на друго работно место соодветно на степенот на неговата стручна подготвка.
Член 15
За директор може да биде избрано лице кое ги исполнува општите услови утрдени со Законот за културата и посебните услови утврдени со овој Статут, односно лицето треба:
(1) да е државјанин на Република Северна Македонија;
(2) во моментот на избирањето со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција или забрана за вршење на професија, дејност или должност;
(3)да има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен високо образование од Општествени науки и Хуманистички науки и уметности.
- да има минимум пет години работно искуство во областа на културата;
- да има еден од следните меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:
ТОЕФЕЛ ИБТ – најмалку 74 бода,
ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,
ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,
ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,
БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или,
АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2);
(6) има положено психолошки тест и тест за интегритет.
Член 16
Директорот на Центарот е должен на секои шест месеци да доставува извештај до Министерот за култура и туризам на начин утврден со Законот за културата.
Член 17
Директорот доколку утврди неправилности во работата на Центарот должен е да превземе мерки за отстранување на тие неправилности, а по потреба може да формира стручна комисија за разгледување на одреден случај.
Член 18
Директорот на Центарот може да биде разрешен и пред истекот на мандатот за кој е избран во случаи утврдени со закон.
Член 19
- Во случај кога не е избран директор или предвреме му престанал мандатот, Министерот за култура и туризам, именува вршител на должноста директор на Центарот, без објавување на оглас, од редот на вработените на Центарот;
- Вршителот на должноста ги има сите права и обврски на директор на Центарот;
- Вршителот на должноста директор се именува за време до изборот на директор на Центарот, а најдолго за шест месеци.
2. Орган на управување
Управен одбор
Член 20
(1) Орган на управување на Центарот е Управниот одбор.
(2) Управниот одбор на Центарот го сочинуваат 5 преставници кои ги именува и разрешува министерот за култура и туризам, од кои двајца се преставници од редот на истакнати поединци од областа на културата, еден е од локалната самоуправа и двајца преставници од вработените на Центарот.
(3) Претседателот и членовите на Управниот одбор на Центарот се именуваат за време од 4 години и може повторно да бидат именувани врз принцип на стручност и компетентност.
(4) На претседателот и на членовите на Управниот одбор на Центарот им следува соодветен надоместок што го определува Министерот за култура и туризам.
Член 21
(1) Со работата на Управниот одбор раководи претседателот на Управниот одбор.
(2) Управниот одбор работи и одлучува на седници со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
(3) Членовите и претседателот се должни да присуствуваат на седниците на Управниот одбор.
(4) За својата работа, Управниот одбор е одговорен пред Министерот за култура и туризам.
Член 22
(1)Управниот одбор на национална установа:
1. Донесува статут;
2. Ги утврдува политиката и принципите за развој и работа на установата;
3. Дава согласност на годишната програма на установата по предлог на директорот;
4. Го усвојува годишниот извештај за работата на установата по предлог на директорот;
5. Дава согласност на актот за организација на работата и систематизација на работните места на установата;
6. Донесува документи за финансиското работење на установата, согласно со прописите за материјално и финансиско работење;
7. Одлучува во втор степен за решенија што ги донесува директорот за правата и обврските на вработените од работен однос, за избор и реизбор и за дисциплински мерки и други решенија, согласно закон;
8. Дава образложен предлог на министерот за култура и туризам за разрешување на директорот;
9. Донесува деловник за својата работа;
10. Го следи остварувањето на годишната програма за работа на националната установа;
11. Донесува правилник за формата и содржината на јавниот оглас и на пријавата за вработување, начинот на спроведување на изборот, како и начинот на бодување во зависност од категоријата и нивото на работно место за кое е објавен јавниот оглас, по предлог на директорот;
12. Донесува правилник за формата и содржината на интерниот оглас, како и на пријавата за унапредување, начинот на спроведување на селекцијата за унапредување, начинот на спроведување на реизборот, како и начинот на нивно бодување, по предлог на директорот;
13. Донесува правилник за поблиските критериуми за спроведување на оценувањето на давателите на јавни услуги во културата согласно законот за културата член 77-к став (2), висината на паричната или друг вид материјална или нематеријална награда, намалувањето на плата или распоредување на работно место на пониско ниво, по предлог на директорот;
14.Донесува други акти согласно со овој статут и со закон;
15.Еднаш годишно доставува извештај за својата работа до Министерството за култура и туризам.
16.Врши други работи утврдени со закон и статут.
Член 23
Претседателот и членовите на Управниот одбор можат да бидат разрешени пред истекот на мандатот доколку работат спротивно на закон или Центарот не ја остварува својата функција.
Член 24
Начинот на работата, одлучувањето, правата и должностите на Управниот одбор, како и постапката и условите за предвремено разрешување на претседателот и членовите се регулираат со Деловник за работа на Управниот одбор.
3. Стручни тела
Стручен совет
Член 25
(1) За разгледување на определени прашања од стручен карактер, директорот на Центарот може со решение да формира Стручен совет.
(2) Со решението од став (1) на овој член се определува составот и делокругот на работа на стручниот совет.
(3) Со седниците на стручниот совет претседава директорот на Центарот.
Член 26
(1) По потреба, директорот може да основа стручни и советодавни комисии и други работни тела.
(2) Мандатот и делокругот на членовите на комисијата трае 4 години.
(3) За член на Комисијата едно лице може да биде избрано повеќе пати.
(4) Комисијата за својата работа одговара пред директорот на Центарот, и е должна да му поднесува извештај.
V –РАБОТНИ ОДНОСИ
Член 27
(1) На правата, обврските и другите прашања од областа на работните односи на вработените во Центарот се применуваат одредбите од Законот за културата и прописите за јавната администрација, за работните односи и колективните договори склучени во согласност со закон.
VI – ОПШТИ АКТИ
Други општи акти
Член 28
(1) Одредени прашања од работењето на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево поблиску се уредуваат со правилници и други општи акти, во согласност со закон и овој статут.
(2) Во смисла на став (1) на овој член, во Центарот за култура се донесуваат особено:
- Правилник за организација на работата и Правилник за систематизација на работните места;
- Годишен план за вработување согласно закон;
- Правилник за формата и содржината на јавниот оглас и на пријавата за вработување, начинот на спроведување на изборот, како и начинот на бодување во зависност од категоријата и нивото на работно место за кое е објавен јавниот оглас;
- Правилник за формата и содржината на интерниот оглас, како и на пријавата за унапредување, начинот на спроведување на селекцијата за унапредување, начинот на спроведување на реизбор, како и начинот на нивно бодување;
- Правилник за поблиските критериуми за спроведување на оценувањето на давателите на јавни услуги во културата согласно законот за културата член 77-к став (2), висината на паричната или друг вид материјална или нематеријална награда, намалувањето на плата или распоредување на работно место на пониско ниво
- Деловник за работа на Управниот одбор;
- Деловник за работа на Стручниот совет и
- Други акти кои произлегуваат од овој статут или закон.
(3) Центарот мора да бидат во согласност со Уставот, важечките законски, подзаконски прописи и овој Статут.
Член 29
(1) Центарот е должен на својата веб страница да ги објавува проектите кои се реализираат во тековната година.
(2) Центарот во првиот квартал од тековната година за претходната година доставува извештај до Министерството за култура и туризам за реализацијата на годишната програма, кој содржи наративен приказ за реализација на програмата, спецификација за вкупно потрошените средства, договори, сметки, фактури и конечен финансиски план со сите износи на потрошени средства и извори на финансирање.
(3) Центарот на својата веб страница, во првиот квартал во тековната година за претходната година, го објавува извештајот за реализацијата на годишната програма.
Член 30
Статутот на Центарот и другите општи акти што ги донесува Управниот одбор на Центарот се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови.
Член 31
(1) Иницијатива за донесување на нов Статут или измени и дополнување на истиот може да поднесе:
1.Најмалку една третина од вкупниот број членови на Управниот одбор на Центарот и
2.Директорот на Центарот.
(2) Иницијативата од став (1) на овој член, во писмена форма се доставува до Управниот одбор на Центарот.
(3) Управниот одбор е должен да ја разгледа иницијативата и по истата да донесе соодветна одлука.
(4) Одлуката од ставот (3) на овој член се доставува до подносителот на иницијативата.
Член 32
Измена и дополнување на Статутот и другите општи акти се врши по иста постапка, како и за нивното донесување.
Член 33
Сите општи акти што се донесуваат во Центарот се објавуваат на огласна табла, а влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето.
VII – КЛАСИФИЦИРАНИ ИНФОРМАЦИИ, ПРАШАЊА ПОВРЗАНИ СО ОДБРАНАТА, ВОЕНА И ВОНРЕДНА СОСТОЈБА И ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ
Класифицирани информации
Член 34
(1) Класифицирана информација е информација која се заштитува од неовластен пристап или употреба и која се определува со степен на класификација согласно со закон.
(2) За класифицирани информации се сметаат документи и податоци кои:
- надлежен орган ги прогласил за класифицирана информација;
- како доверливи надлежен орган му ги соопштил на Центарот и
- во врска со одбраната се означени како класифицирани информации;
(3) Класифицирана информација претставуваат и документи кои се определени со прописите, а кои Управниот одбор ги прогласил за класифицирана информација.
(4) Документите и податоците што се сметаат за класифицирана информација се должни да ги чуваат сите работници на Центарот, додека се во работен однос, и по престанувањето на работниот однос во рок од три години.
(5) Документите и податоците што претставуваат класифицирана информација не можат да се даваат на увид без одобрение на директорот на Центарот .
Член 35
(1) Класификацијата на информациите се врши според нивната содржина од овластено лице, согласно законските прописи.
(2) Информациите кои не се наменети за јавна употреба, а со чие откривање би се намалила ефикасноста на работењето на Центарот добиваат ознака „за ограничена употреба“.
Член 36
(1) Критериумите, мерките и активностите за заштита и користење на класифицираните информации се определени согласно закон и Планот за заштита на класифицираните информации за вонредни состојби.
(2) Центарот е должен да создаде услови неопходни за заштита на класифицирани информации и да преземе мерки за елиминирање на негативните последици, ако дојде до откривање на класифицираните информации.
(3) За ефикасно и координирано извршување на правата и обврските кои се однесуваат на класифицираните информации во Центарот, се определуваат овластени лица кои треба да поседуваат безбедносен сертификат, кој им се издава за соодветен степен на класифицирана информација, согласно принципот „потребно е да се знае“.
(4) За давање на документи и податоци кои што се прогласени за класифицирани информации на трети лица, се води посебна евиденција, во која се евидентираат: името и презимето на лицето и називот на органот на кои им се соопштени податоците, односно им се дадени документите, видот на податоците, формата во која се соопштени и за каква цел и по чие барање се дадени.
(5) Евиденцијата од став (1) на овој член се смета доверлива и се чува на посебно безбедно место, во просториите на Центарот.
Прашања поврзани со одбраната
Член 37
(1) Класифицирана информација претставуваат податоците во документите од значење на одбраната.
(2) На документите кои претставуваат класифицирана информација, во зависност од нивното значење, во горниот десен агол им се става зборот „ОДБРАНА“, а под него им се одредува еден од следните три степени на тајност: „строго доверливо“ „доверливо“ или „интерно“.
Член 38
Центарот изготвува документи, се организира и спроведува подготовки за одбрана, заштита, спасување и управување со кризи.
Член 39
Центарот во соработка со Министерството за култура и туризам, го врши финансирањето на подготовките за одбрана, заштита, спасување и управување со кризи.
Член 40
По барање на Министертвото за одбрана на Република Северна Македонија, Центарот е должен да врши услуги кои се од посебно значење на одбраната.
Воена и вонредна состојба
Член 41
(1) Во воена или вонредна состојба, Центарот презема мерки за заштита и спасување на вработените и корисниците на услуги, кои ќе се затекнат во просториите на установата и нејзините објекти, како и спроведување на посебни мерки за заштита на материјалните добра и документите, материјалите и податоците кои претставуваат класифицирана информација и друга тајна.
(2) Вработените се должни во случај на воени конфликти или во случај на вонредна состојба заради природни непогоди и други несреќи, да се грижат за имотот на Центарот. Задачите и обврските на вработените во вакви услови се определени согласно законот.
Член 42
Во делот на одбраната во Центарот не се изготвуваат посебни општи акти, а директно се применуваат законските и подзаконските прописи од оваа област.
Заштита на лични податоци
Член 43
(1) При извршувањето на работните обврски, Центарот има потреба од користење на личните податоци за вработените во Центарот и посетителите на Центарот кои се користат согласно прописите за заштита на личните податоци.
(2) Личните податоци за вработените во Центарот се собираат, обработуваат и доставуваат на трети лица согласно со закон, заради остварување на правата и обврските од работниот однос или во врска со работниот однос.
(3) Личните податоци за надворешните лица во Центарот се собираат, обработуваат, употребуваат и по потреба доставуваат до надлежни органи, со цел за заштита на сопственоста на имотот, културното наследство и другите материјални вредности кои се наоѓаат во Центарот.
Член 44
Личните податоци за вработените во Центарот и надворешните лица, може да ги собира, обработува, употребува и доставува на трети лица, само директорот на Центарот и од него овластени лица.
Член 45
Заштитата на личните податоци се врши согласно со законските и подзаконските прописи и општите акти на Центарот.
VIII – ЕВИДЕНЦИЈА
Член 46
Центарот е должен да води согласно законските и подзаконските од областа на културата и од областа на канцелариско и архивското работење и согласно други законски прописи.
IX – ФИНАНСИРАЊЕ
Извори на средства
Член 47
(1) Средствата за работа на Центарот се обезбедуваат од:
- Буџетот на Република Северна Македонија, на начин и во постапка утврдени со Законот за културата и прописите за буџетско финасирање;
- Сопствени приходи од вршење услуги од нејзина надлежност;
- Донации на меѓународни организации или други домашни и странски правни и физички лица и
- Спонзорства, подароци, завештанија и други извори утврдени со закон.
(2) Сопствените приходи во смисла на став (1) алинеја 2 на овој член се обезбедуваат од:
-влезници;
-продажба на книги и друг вид публикации,сувенири,копии на предмети, ракотворби и слични предмети поврзани со дејноста на Установата;
-приходи од услуги;
-договорни активности.
(3) Висината на цената на услугите во смисла на став (2) на овој член ги утврдува Управниот одбор на Центарот со одлука, со која се определува видот на услугата и надоместокот за нејзино извршување (ценовник).
X – ИНФОРМИРАЊЕ
Известување на вработените
Член 48
(1) Известувањето на вработените во Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево се врши на начин достапен на секој работник.
(2) Известувањето во смисла на став (1) на овој член се врши преку огласна табла и непосредно од страна на раководните работници.
(3) На огласна табла се објавуваат општите акти на Центарот за поединечните акти на Управниот одбор на Центарот и на директорот на Центарот, соопштенија и други пишани акти.
(4) Раководните работници се должни редовно да ги информираат вработените за работењето на Центарот и постигнатите резултати, за актуелните состојби и отворените прашања, претстојните активности и слично, што се од интерес на вработените.
(5) На барање, секој вработен може да оствари увид во службената документација со одобрение на директорот на Центарот, со исклучок на документите што претставуваат класифицирани информации, заштитени лични податоци или се означени со друг вид и степен на тајност согласно со закон.
Известување на јавноста
Член 49
(1) Центарот ја известува јавноста за своето работење преку средствата за јавно информирање и во согласност со прописите за слободен пристап до информации од јавен карактер.
(2) Известувањето во смисла на став (1) на овој член се врши преку посебни соопштенија, платени огласи, написи, разговори, учество во специјални емисии на електронските медиуми и слично.
(3) Известувањето на јавноста се врши и преку една или повеќе интернет страници на установата.
(4) Одговорно лице за давање информации на јавноста е директорот на Центарот или лицето што тој ќе го овласти согласност со прописите за слободен пристап до информации од јавен карактер.
XI – ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ
Работно време
Член 50
(1) Работното време на Центарот го определува Управниот Одбор на Центарот со одлука, доколку со закон не е поинаку определено.
(2) Во оправдани случаи, по потреба, Управниот одбор на Центарот може со одлука да определи поинакво работно време за одделни објекти, проекти, програми, акции или други активности, различно од работното време определено во смисла на став (1) на овој член.
Штрајк
Член 51
Неопходното ниво на процесот на работа во услови на штрајк се утврдува со одлука на Управниот одбор на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево, во согласност со закон и колективен договор.
Имот на установата
Член 52
(1) Центарот има на користење/владение недвижен имот кој е во државна сопственост и тоа:
-Земјиште,двор со површина од 295м2,земјиште под зграда со површина од 328м2 и заеднички помошни згради со 26м2.
-Објект ,зграда бр.1,кат приземје,влез 001,со површина од 268м2 и кат 01,влез 002,со површина од 25м2 лоцирани на КП бр.6684/1 со адреса на ул.,,М.М.Брицо,,бр.5 КО Делчево,запишани во Имотен лист бр.1027 согласно Одлука на Владата на Република Македонија бр.41-3575/2 од 11.06.2013 година објавена во Службен весник на Република Македонија бр.87/2013.
-Земјиште,голинка со површина од 1485м2 и земјиште под зграда со површина од 374м2.
-Објект,зграда бр.1,кат приземје,влез 001,со површина од 320м2 и 3м2 и кат 01,влез 002,со површина од 241м2,лоцирани на КП бр.8475/1 со адреса на ул.Разловци,запишани во Имотен лист бр.318,согласно Одлука на Владата на Република Македонија бр.41-3574/2 од 11.06.2013 година објавена во Службен весник на Република Македонија бр.86/2013.
(2) За движниот и недвижниот имот на Центарот се води книговодствена евиденција и истиот се користи во согласност со прописите за располагање и користење со ствари во државна сопственост.
XII – ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Усогласување на работата
Член 53
Центарот ќе ја усогласи својата работа со одредбите на овој Статут во рок од еден месец од неговото влегување во сила.
Донесување на општите акти
Член 54
(1)Правилникот за организација на работата и Правилникот за систематизација на работните места, усогласени со овој Статут, ќе се донесат во рок од еден месец од влегувањето во сила на овој Статут.
(2) Другите општи акти од член 29 став (2) и на овој Статут ќе се донесат во рок од три месеци од влегувањето во сила на овој Статут.
Престанување на постојниот статут
Член 55
Со влегувањето во сила на овој Статут престанува да важи Статутот на Центарот бр. _________-од ________година.
Влегување во сила на овој Статут
Член 56
Овој статут влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето на огласната табла на Центарот, а ќе се објави веднаш по добивањето на согласност од Министерот за култура и туризам
Број
УПРАВЕН ОДБОР на
НУЦК ,,Н.Ј.Вапцаров,, Делчево
Дата 2025 година
Претседател,
